Повеќе од 35.000 луѓе присуствуваа на протестите во Германија против ограничувањата наметнати од Владата поради коронавирусот.

Многу собири беа претходно регистрирани кај властите, што е неопходно според германскиот закон, а други не беа одобрени и затоа беа незаконски. Демонстрации вчера беа одржани, меѓу другите, во Мекленбург-Западна Померанија, Тирингија и Саксонија-Анхалт. На нерегистриран митинг во Магдебург се случија судири со полицијата.

Силите на редот објавија дека 14 полицајци се повредени во нападите на демонстрантите во градот Лихтенштајн, во Саксонија, а полицијата употребила бибер спреј. Собири против ограничувањата се одржаа и во Баварија, а во многу делови на покраината, општинските власти забранија демонстрации или им се заканија на граѓаните со казни за неовластени протести.

Во Берлин неколку стотици луѓе дојдоа на митингот пред медиумското студио ЗДФ, а некои од нив извикуваа лажливи медиуми. Полицијата соопшти дека немало насилство.

Стапката на вакцинација во Германија е нешто повеќе од 71 отсто. Многумина кои примиле две дози добиле и бустер, но 25,8 отсто од населението воопшто не биле вакцинирани. Меѓу нив има деца помлади од пет години и луѓе кои генерално не можат да ја примат вакцината.

Невакцинираните лица се соочуваат со значителни ограничувања во нивниот секојдневен живот низ целата земја, вклучувајќи ја и неможноста да влезат во многу продавници и места за забава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.