Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги обвинил украинските сили за грубо кршење на хуманитарното право, повикувајќи ги францускиот колега Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц да извршат притисок на Киев.

Путин, во телефонски разговор со Макрон и Шолц, навел бројни примери на грубо кршење на нормите на меѓународното хуманитарно право од страна на украинската војска, наведено е во соопштението на Кремљ.

Меѓу нив се “вонсудските пресметувања со неистомисленици, земање на заложници и користење на цивилно население како жив штит, распоредување на тешко вооружување во станбени квартови, покрај болници, училишта, градинки”, наведено е во соопштението.

Тој исто така ги обвинил украинските националистички баталјони дека систематски ги попречуваат операциите за спасување на жителите и ги заплашуваат цивилите при обидите за евакуација.

Владимир Путин ги повикал Емануел Макрон и Олаф Шолц да влијаат на киевските власти да стават точка на овие злосторнички акции“, додал Кремљ.

Макрон и Шолц повикале на итен прекин на огнот во Украина.

Канцеларијата на Шолц соопштила дека 75-минутниот разговор бил дел од тековните меѓународни напори да се стави крај на војната во Украина.

Во соопштението се наведува дека лидерите на Германија и Франција го повикале Путин да започне процес за пронаоѓање на дипломатско решение за судирот.

Други детали од разговорот не се соопштени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.