Јапонија изрази загриженост поради најавата на официјален Пекинг дека ќе преземе „целна воена акција“ како одговор на посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси на Тајван.

Поморската област каде што Кина најави воени вежби од 4 август, исто така, ја вклучува и ексклузивната економска зона на Јапонија – изјави портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно.

Токио ѝ ја пренесе на Кина својата загриженост за природата на воените вежби, кои вклучуваат употреба на боева муниција.

Мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец се важни не само за безбедноста на нашата земја, туку и за меѓународната стабилност. Ставот на Јапонија отсекогаш бил дека прашањата поврзани со Тајван мора да се решаваат по мирен пат, преку дијалог – порача портпаролот.

На прашањето дали Јапонија ја поддржува посетата на Пелоси на Тајван, Мацуно одговори дека јапонската влада „не е во позиција да ги коментира меѓународните посети на Пелоси“.

Тајванското Министерство за одбрана исто така изрази загриженост за воените маневри на Кина бидејќи тие навлегуваат во територијалните води на Тајван, но тајванската претседателка Цаи Инг Вен порача дека Тајван нема да отстапи.

Посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом на Тајван го предизвика гневот на Пекинг, кој го смета островот за дел од својата територија и се спротивставува на секоја иницијатива која на тајванските власти им дава меѓународен легитимитет.

Пелоси пристигна во Тајпеј доцна во вторникот на ненајавено, но внимателно следено патување, велејќи дека тоа ја покажува непоколебливата посветеност на САД кон самоуправниот остров за кој Пекинг тврди дека е дел од Кина.

Пелоси треба да ја посети Јапонија на крајот на неделава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.