Иранската револуционерна гарда го заплени бродот „MSC Aries“ за кој вели дека е „поврзан со Израел“, јавува иранската државна новинска агенција ИРНА.

Иранците најавија дека ќе го преместат бродот во иранските територијални води, пренесува Ројтерс.

Операцијата била изведена така што иранските командоси се симнале од хеликоптер на брод кој пловел под знаме на Португалијаи. Сето тоа се случило во Ормутскиот Теснец на околу 80 километри североисточно од градот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), извести британската трговска поморска служба.

Официјален претставник на иранската одбрана сподели снимка на која се гледаат командоси како слегуваат од хеликоптер на куп контејнери на палубата на бродот. Се слуша како член на екипажот во авионот вели: „Не излегувајте“.

Од Zodiac Maritime потврдија дека се сопственици на запленетиот брод „MSC Aries“, на кој имало 25 членови на екипажот. Тие потврдија дека бродот е пренасочен кон Иран.

„Ние тесно соработуваме со релевантните власти за да ја обезбедиме нивната благосостојба и безбедно враќање на бродот“, се вели во соопштението.

Даниел Хагари, портпарол на израелската армија објави:

„Иран ќе ги сноси последиците ако одлучи дополнително да ја ескалира ситуацијата. Ние сме во состојба на готовност. Ја зголемивме нашата подготвеност да го заштитиме Израел од понатамошна иранска агресија. Подготвени сме да одговориме“.

Информациите за инцидентот доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Иран и Израел. Светот со денови очекуваше дека Иран или неговите партнери ќе го нападнат Израел како одмазда за минатонеделниот напад врз иранската амбасада во Дамаск, во кој загина висок командант на иранската Револуционерна гарда и уште шест офицери.

Израел не ја презеде одговорноста за воздушниот напад на иранската амбасада на 1 април, но иранскиот врховен лидер Али Хамнеи рече дека „Израел мора да биде казнет и ќе биде казнет“ за операцијата, за која рече дека се чини дека била извршена на иранска територија.

Командантот на Воената морнарица на Револуционерната гарда на Иран во вторникот рече дека Техеран го гледа присуството на Израел во ОАЕ како закана. Тој посочи дека Техеран може да го затвори Ормускиот теснец, влезот во Заливот, доколку смета дека е потребно.

Градот Фуџаира се наоѓа на источната страна на Ормускиот теснец. Хутите, кои се на страната на Иран, со месеци организираат напади врз бродови во Црвеното Море.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.