Група од 100 француски пратеници ја осудија „воената политика“ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон Курдите во северна Сирија.

Додека Русија на Владимир Путин ги умножува воените злосторства во Украина, Реџеп Таип Ердоган, во сенка на глобалните емоции, планира да почне уште една крволочна офанзива против Курдите од северна Сирија – се вели во заедничката изјава на пратениците објавена на веб-страницата на весникот „Ле Диманш“.

Турскиот претседател „го користи својот статус во НАТО во контекст на конфликтот во Украина за да добие одврзани раце од Алијансата за да ги интензивира своите напади на северот на Сирија“, наведуваат пратениците, меѓу кои има и пратеници на Долниот дом на францускиот Парламентот, како и сенатори на различни политички партии, од радикалната левица, екологистите, десницата и центристите на Емануел Макрон.

Во заедничкото соопштение се наведува дека западните земји не смеат да го вртат погледот, а Европската Унија треба да гарантира заштита на курдските активисти и здруженија присутни на европско тло.

Тие ја повикаа Франција да интервенира во Советот за безбедност на ОН со цел да воведе забрана за летови над cеверна Сирија и да им обезбеди на Курдите меѓународна заштита.

Ердоган неколку пати се закани дека ќе почне воена офанзива против Курдите во северна Сирија, со цел да се создаде „безбедна зона“, по слична операција спроведена од Турција во 2019 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.