Германските пилоти на авиокомпанијата „Луфтханза“ гласале за штрајк, соопштија од синдикатот, од каде наведуваат дека, сепак, таквото сценарио може да се избегне.

Синдикатот „Ферајнигунг кокпит“ (Vereinigung Cockpit) бара зголемување на платите за 5,5 отсто оваа година и автоматско усогласување со инфлацијата почнувајќи од следната година.

Синдикатот наведува дека „Луфтханза“ сè уште нема презентирано понуда во шесте рунди преговори.

Синдикатот соопшти дека 97,6 отсто од пилотите кои учествувале во гласањето дале зелено светло за повикот на штрајк.

Во соопштението се вели дека гласањето „можеби сè уште нема да доведе до штрајк, но тоа е сигнал за „Луфтханза“ сериозно да ги сфати потребите на персоналот во пилотската кабина“.

Во спор со компанијата се и аеродромските работници кои штрајкуваа во средата, што доведе до откажување на повеќе од 1.000 летови.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.