Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ го намалува својот максимален волумен на испорака на гас преку гасоводот „Северен тек 1“ преку Балтичко Море до Германија за 40 проценти. Како што соопштија од компанијата, причина за намалувањето на нивото на испорака е доцнењето на поправките од страна на „Сименс“.

Единицата за компресор за гас не е на време вратена од поправка. Како резултат на тоа, сега може да се испумпува само до 100 милиони кубни метри гас преку гасоводот секој ден, или околу 60 проценти од претходно планираниот дневен волумен од 167 милиони кубни метри гас – се вели во извештајот.

Низ Европа расте загриженоста откако Русија го прекина снабдувањето со гас за неколку земји кои се спротивставија на нејзината одлука да се плаќа во рубљи. Европа во голема мера се потпира на рускиот гас и се бори да најде алтернативни извори. Сепак, многу земји сè уште купуваат руски гас, што помага да се одржи руската економија, пренесува ДПА.

За Германија, „Северен тек 1“ е главниот цевковод за снабдување со руски гас. Гасот веќе престана да се испумпува низ гасоводот „Јамал-Европа“. Значително е намален и транзитот на руски гас низ Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.