Француските земјоделци најавија дека во понеделник, на 29 јануари, ќе започнат со целосна блокада на Париз и на тој начин ќе спречат испорака на секаков вид стока во главниот град.

Претставникот на здружението „Млади фармери“, Максим Бизар изјави дека блокадата ќе започне во вечерните часови и ќе трае најмалку пет дена, пренесува РИА Новости.

Донесовме одлука да ги промениме нашите методи и да организираме блокада на Париз и три департмани околу главниот град. Идејата е ниту еден камион да не испорачува стока во главниот град – изјави Бизар за локалните медиуми.

Тој посочи дека земјоделците имаат намера да ги држат под своја контрола патиштата кон Париз „колку што е потребно“, за градот да се соочи со недостиг од производи.

Според него, тоа нема да биде операција од 12:00 до 15:00 часот, туку акција која ќе трае најмалку пет дена, со што ќе се пренесе јасен став до жителите на Париз дека им се потребни земјоделците за да преживеат и дека капиталот не може да функционира самостојно.

Тој посочи дека Франција е против склучување договор за слободна трговија меѓу ЕУ и членките на јужноамериканскиот блок „Меркосур“, со што, според земјоделецот, би се создале услови за нелојална конкуренција.

Во изминатите седум дена земјоделците ги блокираа главните патишта во Франција, каде поставија пречки од сено, купишта ѓубрива и гуми. Сообраќајот е блокиран и со трактори паркирани на автопатиштата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.