Првата продавница за алкохол во Саудиска Арабија е отворена во дипломатскиот кварт во главниот град Ријад и ќе биде достапна за немуслиманските дипломати.

Новата продавница во Ријад има строги правила: овластувањето за влез и купување мора да биде потврдено преку апликација наречена Diplo и одобрена од саудиското Министерство за надворешни работи, а купувањата подлежат на месечен систем на квоти по регистриран поединец.

Владата на Саудиска Арабија потврди дека регулирањето на квотите за алкохол за дипломатските мисии е воведено за да се спротивстави на недозволената трговија со алкохолни стоки.

Во Саудиска Арабија алкохолот е забранет од 1952 година како последица на убиството извршено од саудиски принц во алкохолизирана состојба врз британски дипломат. Пиењето е исто така забрането во исламот, а поголемиот дел од локалното население на Саудиска Арабија е религиозно.

Странските амбасади можат да увезуваат алкохол според специфицираните договори со саудиската влада.

„Сите знаат кои амбасади продаваат алкохол… некои од нив развија сериозен бизнис од тоа, продавајќи го на црниот пазар за четири, пет, дури и десет пати повеќе од нормалната цена. Стана смешно. Владата мораше да направи нешто“, изјави за CNBC еден саудиски инвеститор со седиште меѓу Дубаи во Обединетите Арапски Емирати и Ријад.

Саудиска Арабија има строги казни за оние кои кои ќе бидат фатени како пијат или продаваат алкохол, кои се движат од парични казни или камшици до депортации и затвор.

Сепак, многумина во кралството велат дека легализацијата на алкохолот надвор од дипломатските простории е само прашање на време, иако најверојатно ќе биде ограничено на хотели или специјални економски зони и ќе биде забрането за муслиманите. Неколку елитни ресторани во Ријад и Џеда веќе се опремени со барови, кои моментално се користат за безалкохолни моктели.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.