Франција, неизбежно ќе биде погодена како и другите европски земји од украинската криза, вели Жан-Филип Андре, претседател на Анија, главната организација за земјоделска храна, пренесува дописникот на МИА.

Војната во Украина, која предизвикува зголемување на цената на земјоделските суровини, „неизбежно“ ќе ја зголеми цената на прехранбените производи, увери во средата Жан-Филип Андре, претседател на Анија, главната агропрехранбена организација.

Француската влада веќе објави во средата зголемување на цената за околу 3 отсто по годишните преговори меѓу производителите и дистрибутерите на храна, кои завршија во вторникот вечерта.

Од своја страна, Анија побара зголемување од околу 6 отсто, поради инфлацијата која се одразува и на земјоделските суровини и индустриските трошоци (енергија, пакување, транспорт).

По инвазијата на Украина од страна на Русија во четвртокот, цените на одредени земјоделски производи пораснаа. Двете земји се всушност главни извозници на житарки и маслодајни семиња: тие заедно сочинуваат 30 отсто од светската трговија со пченица.

Постои многу силна зависност од сончоглед, житарки, од енергија…“, подвлече Жан-Филип Андре, кој тврди дека зголемувањето на овие суровини „ќе се пренесе и на цените“. „Неизбежно, ќе бидеме погодени како и другите европски земји од украинската криза – додаде тој.

Додека Министерството за економија на Франција во средата собра неколку претставници на индустриските сектори за да разговараат за последиците од војната во Украина, претседателот на Анија процени дека Франција повторно ќе мора да им помогне на компаниите.

Никој не е подготвен да се соочи со ситуација каква што моментално се развива – истакна тој.

Конфликтот во Украина ќе има последици врз продажбата на производителите на вино и алкохолни пијалоци, наменети за извоз во Русија. Во 2021 година Русија увезла речиси 198 милиони евра вредно вино од Франција.

Нарачките беа готови… но ќе останат да чекаат. „Има премногу ризици при испораката во Русија, не знаеме дали производите ќе пристигнат“, вели Серж Дер Сахагујан, Генералниот директор на СпиритФранс, еден од главните производители на Армањак и Калвадос.

На страната на лозарите реални се и последиците од оваа војна. Од скоро 200 милиони евра нарачки во 2021 година, првиот засегнат регион во однос на обемот е Шампањ. Повеќе од 1,7 милиони шишиња од најпознатите „пенливи“ вина се извезени во Русија во 2019 година, односно 13.500 хектолитри, или 1,5 отсто од вкупната продажба на шампањ.

Второто најпогодено винарство, Бургундија. Во 2021 година, приближно 7.200 хектолитри заминаа за Русија. „Тоа е 18-ти пазар по обем, 17-ти по вредност“, му објаснува здружението на винарите од регионот.

Во Бордо, Интерпрофесионалниот совет за вино, исто така, смета дека војната во Украина „нема да има многу значајни последици за извозот“. „Со 2.000 хектолитри годишно, Русија е 52-та дестинација по обем и 60-та дестинација по вредност за вината од Бордо“. За споредба, се извезуваат 240.000 хектолитри годишно во САД или 19.000 хектолитри во Данска, која е петнаесетта дестинација. Конечно, дури и Украина е пред Русија, на 40-та позиција по извоз со 4.000 хектолитри.

Извозниците сега се плашат дека виното кое веќе е испорачано нема да биде платено. А тоа што е останато, кој ќе биде подготвен да го купи по повисоки цени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.