Речиси милион луѓе побарале меѓународна заштита во Европската Унија (ЕУ) во текот на минатата година, што е најголем број барања за азил од бегалската криза во 2015 година.

Агенцијата за азил на ЕУ соопшти дека минатата година биле поднесени 966.000 барања за азил во 27 земји на ЕУ, како и во Норвешка и Швајцарија, што е за 50 отсто повеќе од 2021 година, пренесува Анадолија.

Тие барања за азил не вклучуваат повеќе од четири милиони украински бегалци кои избегаа во Европа во текот на годината, а на кои им е одобрена привремена заштита во ЕУ.

Европската агенција го поврза зголемувањето на барањата со постојаното ублажување на ограничувањата за патување поради Ковид-19, со загрозеното снабдување со храна и судирите во многу делови од светот.

Иако мнозинството баратели на азил влегуваат во ЕУ легално, главно со авион и со патни визи, некои без дозвола ги поминале и копнените и поморските граници на Унијата, главно преку Западен Балкан и Медитеранот.

По повеќе од една деценија војна и економски колапс во нивната земја, Сиријците се уште се најбројните баратели на азил во Европа со повеќе од 130 илјади барања.

По нив, со 129.000 барања, следат Авганистанците кои бегаат поради безбедносни, хуманитарни и финансиски проблеми, што следеа по преземањето на власта од Талибанците во август 2021 година.

Европската агенција не прецизираше кои земји од ЕУ добиле најмногу барања минатата година, а некои независни истражувања наведуваат дека тоа се Германија, Франција, Шпанија, Австрија и Италија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.