Најмалку пет луѓе загинале, а повеќе од сто се повредени во ракетни напади од Појасот Газа врз јужниот и централниот дел на Израел.

Палестинските екстремисти од Појасот Газа истрелале илјадници ракети врз Израел, а Хамас најави почеток на нова операција. Ракетната канонада траела повеќе од три и пол часа.

Израелската армија прогласи воена готовност и почна да го напаѓа Појасот Газа. Израелските противпожарни и спасувачки служби прогласија највисоко ниво на тревога.

Воениот командант на Хамас, Мухамед Ал-Деиф изјави дека цел на нападот биле непријателски позиции, аеродроми и воени позиции. Тој тврди дека се истрелани 5.000 ракети.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант порача дека со нападот врз Израел Хамас направил „сериозна грешка“.

Хамас направи сериозна грешка и почна војна против државата Израел. Војниците на Израелските одбранбени сили (ИДФ) се борат против непријателот. Израел ќе победи во оваа војна, посочи Галант.

Во меѓувреме, во џамиите во палестинскиот бегалски камп Шуфат во Ерусалим од минарињата се слушаат повици до жителите да се приклучат на нападот на Хамас, јавуваат израелските медиуми.

Телевизиските канали блиски до Хамас објавија снимки од повиците и прославите во Наблус на окупираниот Западен Брег.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.