Данска ќе понуди четврта доза од вакцината за најзагрозените граѓани, најави денеска министерот за здравство бидејќи земјата се соочува со пораст на бројот на новозаразени, но исто така и ги олеснува рестриктивните мерки.

Овој потег доаѓа во една недела кога данските пратеници одлучија да ги ублажат постоечките рестриктивни мерки, вклучително и отворање на кина, музеи, концертни сали и ботанички градини.

Колку е пораспространета инфекцијата во општеството, толку е поголем ризикот таа да ги достигне нашите најранливи, рече министерот Магнус Хеунике.

Сега отвораме ново поглавје, првенствено со одлучување за четвртата доза вакцина за најранливите групи , додаде тој.

Европската агенција за лекови изрази сомневање за потребата од четврта доза, велејќи дека нема докази за придобивките од пристапот, според Reuters. И Унгарија ја разгледува четвртата доза, а Израел и Чиле веќе почнаа да ја даваат.

Секој ден има околу 20.000 нови случаи на инфекција во Данска, но бројот на смртни случаи и хоспитализирани е сè уште далеку помал од пред една година.

„Ние сме во подобра позиција отколку што очекувавме и се плашевме“, рече Сорен Бростром, шеф на данската здравствена агенција.

„Сега можеме со значително поголема сигурност да кажеме дека оваа нова варијанта на вирусот, во моментов доминантна, предизвикува помалку тешки заболувања“, нагласи тој. Во Данска, две дози од вакцината добиле четири од пет граѓани, а три дози нешто повеќе од половина од вкупното население. Четвртата доза ќе биде достапна подоцна оваа недела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.