Дали Молдавија е следната мета на руските освојувачки планови? Околу тоа се шпекулира уште од почетокот на агрезијата врз Украина, пред точно два месеци и еден ден. Изјавата на руски воен командант, дадена во петокот, поттикна нов страв дека Молдавоја ќе биде следна на ред.

Тој изјави дека руската контрола врз јужна Украина треба да овозможи да им се помогне на проруските сепаратисти во Придњестровје, кои владеат со територијата од 1992 година.

Минекаев рече дека Русија сака да преземе „целосна контрола над Донбас на истокот и југот на Украина“.

„Контролата на јужна Украина би била коридор за регионот на Придњестровје, каде што има и случаи на угнетување на населението што зборува руски“, рече рускиот генерал.

Денеска неколку експлозии за кои се верува дека потекнуваат од ракетни гранати одекнаа во зградата на државната безбедност во прорускиот регион Придњестровје, отцепен од Молдавија.

Засега нема информации дека има повредени или настрадани.

Министерството за внатрешни работи на сепаратистичкиот регион што граничи со Украина, на Фејсбук напиша дека во зградата на државната безбедност се искршени стаклата и од неа излегува чад.

Придњестровје, кое се отцепи од Молдавија по кратката граѓанска војна по распадот на Советскиот Сојуз, има население од околу 500.000 жители, додека Русија ја поддржува областа и економски и воено.

Меѓународната заедница не ја признава оваа област како држава.

Односите меѓу Русија и Молдавија, поранешна советска република со 2,6 милиони жители меѓу Романија и Украина, станаа затегнати по претседателските избори во 2020 година, кога на власт во Молдавија дојде проевропската Маја Санда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.