Членството во НАТО е добра одлука. Тоа ни ја зголеми безбедноста но не даде некој придонес во процесот на зачленување на Европската Унија.

Вакви се ставовите на граѓаните во последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 61% од анкетираните сметаат дека од денешен аспект членството во НАТО е добра одлука додека 28,6% се убедени во спротивното.

Во споредба со минатогодишната анкета од истиот Институт нема некои значителни разлики. Лани 57,5% сметаа дека членството во НАТО е добра одлука.

52,6% од анкетираните сметаат дека со влезот во НАТО се зголеми безбедноста на државата додека 36,8% не се убедени во тоа. Дека НАТО не прави побезбедна држава главно ставот го креираат етничките Албанци.

Дури 82,4% сметаат дека со членството во НАТО се зголеми и безбедноста на државата. Кај Македонците одговорите се поделени иако мнозинството од 46,3% смета дека членството во НАТО не не прави побезбедна држава додека 43,7% се на ставот дека по зачленувањето, безбедноста на Македонија е зголемена.

Иако се бележи континуиран раст, сепак во последните 5 години нема некој значителен раст на бројот на граѓани кои сметаат дека по влезот во НАТО Македонија стана побезбедна држава. Од 50,5% во 2019 овој процент на граѓани се зголемил до 52,6%.

57,2% од анкетираните се на ставот дека членството во НАТО придонесува Македонија да биде побезбедна од надворешни влијанија особено во однос на војната во Украина додека 34,5% сметаат дека тоа не е случај.

Над половина или 56,3% од граѓаните се на ставот дека влезот во НАТО не го забрза процесот на евроинтеграции, додека 33% се убедени дека тој придонел за негово забрзување.

Споредбата со анкетите од последните 5 години практично не дава никаква разлика.

54,8% од граѓаните сметаат дека Македонија треба да издвојува повеќе пари од буџетот за својата одбрана во иднина додека 33,3% сметаат дека не треба. Според етничката структура, етничките Албанци се тие кои во поголемо мнозинство сметаат дека треба да одвојуваме повеќе пари за својата одбрана во иднина.

Граѓаните се на ставот дека Македонија стори доволно во вид на помош за Украина. Ваков став имаат 55,2% од анкетираните додека само 15% сметаат дека сме можеле и повеќе да помогнеме. На ова прашање има речи си идентични ставови и кај Македонците но и кај етничките Албанци кои над 50% сметаат дека сме помогнале доволно со таа разлика што процентот на етнички Албанци кои сметаат дека сме можеле и повеќе да помогнеме е повеќе од двојно повисок од оној кај Македонците.

Само 36,2% од граѓаните се согласуваат со помошта во оружје и опрема која Македонија и ја испраќа на Украина додека 52,8% не се согласуваат.

Во споредба со анкетата која ја објавивме лани, бројот на граѓани кои не се согласуваат со помошта која Македонија и ја дава на Украина се намалил од 62,1% на 52,8% оваа година исто како што се зголемил процентот на граѓани кои даваат поддршка од 24,9% лани на 36,2% оваа година.

Со исклучок на анкетата во 2019 кога само една третина од граѓаните тврдеа дека пред 5 години живееле подобро, и лани и оваа година над половина од анкетирнаите велат дека животот пред 5 години бил подобар.

Анкетата по нарачка на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1079 испитаници во периодот од 16 до 20 април оваа година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.