Ни јас не би гласал за некој што ветува, но имате впечаток или не сте сигурно дека тоа ќе го испочитува, рече Јован Деспотовски, актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), член на СДСМ и потенцијален кандидат за нов лидер на партијата, анализирајќи ги причините за изборниот пораз на СДСМ.

Се создаде впечаток дека СДСМ не е доволно моќен во рамките на својата влада, каде што е најголем, каде што е најјака политичка партија, да наметне политика и да ја спроведе таа агенда. Луѓето не би гласале, јас не би гласал за некој што ветува, но имате впечаток или не сте сигурни дека ќе го испорача. Во голема мера политиките и агендата не беа секогаш наши. Но, вината не треба да ја гледаме во други, туку исклучиво во СДСМ, истакна Деспотовски во Дневникот на ТВ Сител.

Коментирајќи ја оставката на Димитар Ковачевски од лидерската позиција, Деспотовски рече дека очекува „и останатите носители на функции во рамки на партијата да го следат истиот чекор, за да се растовари дискусијата во рамки на партијата од темата одговорност и да преминеме директно на прашањето поврзано со причините“.

Паралелно на ова, партиските органи треба да организираат гласањето за нов претседател на партијата.

Уште пред три години кога понудив поинаков концепт и се кандидирав за претседател јасно кажав дека не се согласувам со патот по кој тргна СДСМ – рече Деспотовски.

На прашањето дали повторно би се кандидарал за претседател на партијата, Деспотовски рече дека веќе работи со посветен тим на разработка на концепт, односно програма за тоа како партијата треба да продолжи понатаму.

Сега не е момент кога треба да исполнуваме лични амбиции и цели. Не треба да зборуваме за „јас“, концептот што се подготвува зборува за „ние“. Тој концепт обединува, не фаворизира никого. Ни треба концепт и програма. Не е доволно да зборуваме за мене, треба да зборуваме за сите нас. Како ќе продолжиме понатаму, истакна Деспотовски.

Покрај Деспотовски, уште неколку имиња се споменуваат во контекст на изборот на нов лидер на СДСМ. Министерката за одбрана во заминување Славјанка Петровска најави дека е можно да се кандидира за претседателка на партијата. Како еден од можните кандидати за нов претседател на СДСМ се споменува и Венко Филипче, па дури не е исклучено и Зоран Заев да се обиде да се врати на лидерската позиција во партијата. Во медиумите се споменува и името на Оливер Спасовски, но според партиски извори тој би имал мали шанси да дојде на лидерската позиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.