Турција и понуди на Ерменија првата рунда преговори за нормализација на турско-ерменските односи да се одржи во Ереван, јавува турската агенција Анадолу.

Ние и понудивме на Ерменија првиот состанок да може да се одржи во Ереван, но Ерменија сè уште не е подготвена за тоа поради внатрешни притисоци – изјави шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, на заедничката конференција на министрите за внатрешни работи и надворешни работи на Турција и Австрија во Анкара.

Чавушоглу изјави дека ерменската дијаспора е поделена во однос на процесот на нормализација на турско-ерменските односи и додаде дека во Ерменија имало демонстрации на одредени екстремистички групи во врска со процесот.

Чавушоглу изјави дека Турција се консултира со Азербејџан за секоја фаза од процесот на нормализација и дека сака „процесот да продолжи постепено“. Тој порача дека Турција ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Ерменија и Азербејџан.

Турското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека ерменскиот и турскиот претставник за нормализација на билатералните односи се договориле на состанокот во Виена „што е можно поскоро“ да се отвори копнената граница меѓу двете земји за граѓаните на трети земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.