Заменикот претседател на рускиот Совет за безбедност, поранешниот шеф на државата и премиер, Дмитриј Медведев, предупреди на континуиран енормен раст на цените на енергенсите, доколку се остварат обидите на земјите од Г7 да се изгради механизам за ограничување на цените на руската нафта.

Земјите на Г7 на неодамнешниот самит во Германија бјавија дека се согласиле да разгледаат сеопфатна забрана за услуги за транспорт на руската нафта и нафтени деривати по поморски пат ширум светот, доколку не се купува по цена договорена со меѓународните партнери или поевтино.

Во тој контекст Медведев ја споменува изјавата на јапонскиот премиер Фумио Кишида, кој заедно со челниците на САД, Канада и Велика Британија беа иницијатори за спомената мерка со која треба да се преполови цената на нафтата. Како што истакна во понеделникот Кипшида, особено ќе биде поставена максимална цена на руската нафта и ќе се создаде механизам кој нема да дозволи нејзино купување по повисоки цени.

Преведено од јапонски на руски, тоа значи: 1. Ќе има значително помалку нафта на пазарот, а нејзината цена ќе биде многу повисока. Покрај тоа, таа ќе биде повисока од прогнозираната астрономска цена од 300-400 долари. Нема да има нафта или гас од Русија. Како и учество во проектот за течен природен гас (LNG) ‘Сахалин 2’. Аригато!“ напиша Медведев на својот Telegram канал.

Цените на руските фосилни горива за извоз се во просек за 60 отсто повисоки од минатата година, а некои земји, како Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати, го зголемиле увозот на фосилни горива од Русија.

Уште во април Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ѝ порача на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија може да го создадат еден од најголемите шокови на пазарите на нафта, како и дека картелот не може да ги замени руските количества и дека нема да го зголеми своето производство. Би можело да дојде до губење од 7 милиони барели руска нафта и други енергенси на дневно ниво, поради моменталните и идните санкции и други акции, предупреди генералниот секретар OPEC, Мохамад Баркиндо од Нигерија.

Западните медиуми, повикувајќи се на официјални претставници од ЕУ, пишуваат дека Германија и некои други земји членки на затворен состанок изразиле загриженост за можното ограничување на цените на руската нафта, во заднината на објавата на Г7, особено што најголемите светски производители на нафтата предупредуваат дека нема да биде можно целосно на пазарите да бидат заменети руските барели. Во Берлин објавија дека таквиот предлог бил додаден во заедничкото соопштение под притисок на Вашингтон, а следниот ден американскиот амбасадор побара предлогот да се третира „реално“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.