Cеверна Кореја тестирала балистичка ракета која најверојатно била истрелана од подморница, соопшти јужнокорејската армија.

Ова е втор пат Cеверна Кореја да истрела ракета оваа недела, но прв пат од октомври минатата година да биде истрелана ракета од подморница. Се стравува дека земјата може да почне со нуклеарни проби, а ова е петнаесетто регистрирано балистичко лансирање годинава.

Генералштабот на Јужна Кореја соопшти дека ракетата била лансирана од водите во близина на источниот пристанишен град Синпоа, каде што Cеверна Кореја има големо бродоградилиште за изградба на подморници.

Според Генералштабот, проектилот со краток дострел прелетал 600 километри на максимална надморска височина од 60 километри.

Во соопштението се вели дека јужнокорејските и американските служби го анализираат лансирањето, што тие го нарекоа „јасно кршење“ на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и „сериозна закана“ за меѓународниот мир и стабилност.

Јапонскиот министер за одбрана, Нобу Киши, изјави за новинарите дека проектилот паднал надвор од јапонската економска зона и дека не е пријавена штета на авионите или пловилата.

Директорот за национална безбедност на Јужна Кореја Сух Хун и другите високи претставници за време на вонредниот состанок го осудија лансирањето и ја повикаа Cеверна Кореја да се врати на разговорите насочени кон намалување на заканата од нуклеарен конфликт.

Експертите сметаат дека целта на невообичаено брзото темпо на тестирање е да се испрати предупредување до САД дека Cеверна Кореја е нуклеарна сила и со тоа земјата да добие укинување на санкциите.

Според западни извори, има индиции дека се прават подготовки на полигонот за нуклеарни тестирања, последен пат изведени во 2017 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.