Цените на нафтата на меѓународните пазари пораснаа до 94 долари, откако ОПЕК и неговите сојузници одлучија да го намалат производството и покрај противењето на САД.

На лондонскиот пазар цената за барел беше повисока за 1,77 долари отколку на вчерашното затворање и изнесуваше 93,57 долари. На американскиот пазар се тргуваше по 1,49 долари повисока цена, од 88,01 долари.

Трговците денеска нестрпливо го чекаа состанокот на Организацијата на земји извознички на нафта и нејзините сојузници во Виена, каде се одлучуваше за политиката на производство.

Заедничкиот министерски одбор за мониторинг договори од ноември, производството да се намали за два милиона барели дневно во однос на референтната вредност, изјавија три извори во ОПЕК+.

Тоа значи дека намалувањето сепак ќе биде поскромно бидејќи групата во август не го достигна зацртаното ниво на производство од околу 3,6 милиони барели дневно.

Не е јасно дали бројот вклучува и евентуално доброволно намалување на производството во некои членки на групата.

Според некои аналитичари, ОПЕК+ со тоа всушност само официјално го потврдува и така намалениот обем на производство изминатите месеци.

Вистинските последици на намаленото производство ќе бидат поблаги бидејќи некои членки не успеваат да ги реализираат производните квоти – смета Фиона Цинкота од Сити Индекс.

ОПЕК+ ја отфрли сугестијата на Вашингтон дека не го намалува значително производството. На претседателот Џо Бајден не му одговара раст на цените на бензинот во време на избори за Конгресот што ќе се одржат на 8 ноември.

Цела година Бајден се обидуваше да ги намали цените на бензинот, што по „скокот“ во март се на надолна траекторија, а неговиот кабинет го претстави тоа како големо достигнување.

САД мора да бидат помалку зависни од нафтата на ОПЕК+ и останатите странски производители на нафта, истакна портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, по состанокот на групата.

Одвоено, ОПЕК објави дека барел нафтена кошница на неговите членки вчера поскапел за 1,45 долари, на 92,13 долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.