Продажбата на антидепресиви во руските аптеки се зголемила откако претседателот Владимир Путин на 21 септември објави делумна мобилизација на 300.000 резервисти, јави ТАСС.

Податоците на руската фармацевтска компанија за маркетинг „ДСМ Груп“ покажуваат дека во текот на неделата од 19 до 25 септември, продажбата се зголемила за 120 отсто.

Претседателката на Алијансата на фармацевтските здруженија, Викторија Пресњакова, за ТАСС вели дека од почетокот на воените дејствија на 24 февруари, побарувачката за антидепресиви, апчиња за спиење и средства за смирување е значително зголемена во споредба со претходните години.

Според неа, тоа се должи на „геополитичката и економската ситуација“.

Според Пресњакова, има многу пациенти на кои по првпат им биле препишани такви лекови. Меѓутоа, за да се смират, луѓето купуваат и лекови без рецепт. Во руските аптеки, слободно се продаваат многу лекови за кои е потребен рецепт во другите европски земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.