Германскиот канцелар Олаф Шолц во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“ потврди дека Германија има проблем со работната сила и изложи каква заедничка миграциска политика би сакал да види во Европа.

Европа е посакуваната дестинација за милиони луѓе во светот. Можеме да бидеме горди на ова, бидејќи покажува дека правиме многу работи како што треба и дека европските вредности се атрактивни. Едно е јасно: ни треба имиграција. Тоа сега го гледаме на сите места каде што недостигаат квалификувани работници: на пример, на аеродромите, во болниците и во работилниците – порача германскиот канцелар.

Тој појасни дека за да функционира сето тоа се потребни обврзувачки договори со земјите на потекло и транзит и на работниците да им се понудат повеќе легални начини за да стигнат до Европа.

Шолц додаде дека функционалната миграциска политика мора да вклучува ефективна заштита на надворешните граници што е во согласност со стандардите на владеењето на правото.

На Европа и треба систем за азил отпорен на кризи. Наша должност е да им понудиме безбеден дом на луѓето на кои им е потребна заштита – нагласи Шолц и најави реформа на заедничкиот европски систем за азил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.