Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во Брисел порача дека не може да се дозволи Израел еднострано да го блокира создавањето палестинска држава по војната во Појасот Газа.

Едно е јасно – Израел не може да има право на вето на самоопределувањето на палестинскиот народ, изјава Борел на прес-конференција со неговиот египетски колега Самех Шукри.

Првиот европски дипломат посочи дека Обединетите Нации го признаваат и многу пати досега го признале правото на самоопределување на палестинскиот народ и затоа никој не може да стави вето, јави „Тајмс оф Израел“.

Коментарите доаѓаат откако Борел вчера претседаваше со разговорите меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ и највисоките дипломати од Израел, Палестинската управа и клучните арапски држави.

Тој синоќа претстави патна карта која вклучува меѓународна конференција за решението со две држави за израелско-палестинското прашање.

Шефот на египетската дипломатија кажа дека постои „меѓународен консензус за неопходноста од решавање на конфликтот врз основа на решение со две држави“.

Време е тоа да се спроведе и меѓународната заедница има средства, има ресурси, има механизми тоа да го направи, изјави Шукри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.