Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, денеска во Париз изјави дека руската агресија врз Украина е главната причина за глобалната криза и дека Москва ја користи храната како оружје за војна.

Борел на Твитер напиша дека на денешниот мировен форум во Париз се разговара за изнаоѓање начини за решавање на растечката криза во енергетскиот, прехранбениот сектор и за храната и инфлацијата.

„Ќе излеземе од повеќеслојната криза со јасно дефинирање кој е одговорен и поддржувајќи ја Украина и земјите во развој да се справат со последиците од војната. Европската унија ја игра својата улога. Руската агресија против Украина е главната причина за оваа глобална мултикриза”, рече Борел.

Тој додаде дека неизбежната меѓународна конкуренција ја спречува глобалната соработка, која „е многу потребна во моментов”.

Мораме да избегнеме натамошен раст на јазот меѓу Северот и Југот и Истокот и Западот”, напиша Борел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.