Националната валута на Русија зајакна на Московската берза на околу 63 рубли за долар, за првпат достигнувајќи го нивото на почетокот на февруари 2020 година, додека во однос на еврото достигна нов петгодишен максимум.

Рублјата се стабилизира на 63,32 рубли за долар, откако претходно го достигна нивото од 62,6250, најсилното од 5 февруари 2020 година. Сепак, банките нудат многу послаб курс за купување рубли, пренесува Ројтерс.

На почетокот на денешната сесија руската валута скокна во однос на еврото на 64,9425 рубли, што е нејзин најсилен курс од средината на 2017 година, но подоцна во текот на тргувањето падна за 0,8 отсто на 65,80 рубли за евро.

Според агенцијата Блумберг, оваа година рублјата стана најуспешната валута во светот, поддржана од контролата на капиталот што Русија ја воведе на крајот на февруари со цел да го заштити финансискиот сектор и да го спречи одливот на девизи поради западните санкции. наметнати поради нападот на Москва врз Украина.

Според њујоршката агенција, рублјата во однос на американскиот долар зајакнала за повеќе од 11 отсто од почетокот на годината. На меѓународниот девизен пазар курсот на рублјата порасна уште повеќе, за околу 12 отсто.

Зајакнувањето на рублјата беше поттикнато од одлуката на монетарниот регулатор дека компаниите фокусирани на извоз мора да ги претворат своите девизни приходи во домашна валута, додека побарувачката за девизи беше ограничена бидејќи увозот во Русија опадна поради логистичките нарушувања и острите западни санкции.

Во четвртокот, претседателот Владимир Путин го посочи растот на рублјата како пример за добрите резултати на Русија под санкции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.