Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил денеска им го честитаа Божиќ на православните христијани во САД и ширум светот.

Како и многу други во текот на изминатата година, православните христијани покажаа голема сила на карактер и истрајност, продолжија да покажуваат љубов кон своите ближни и да им служат на своите заедници во тешки времиња – се вели во честитката од американскиот претседател и првата дама.

Притоа, тие изразуваат и сочувство на оние кои ги загубиле своите најблиски за време на пандемијата и кои, како што наведуваат, „ќе го поминат овој Божиќ полни со тага“.

Џо и Џил Бајден порачуваат дека се молат за сите оние кои страдаат, со надеж дека „и покрај болката, ќе најдат сила и чувство за цел и смисла“.

Додека ја почнуваме новата година, многу православни христијани ширум светот продолжуваат да се соочуваат со прогон и дискриминација. Сакаме уште еднаш да ја изразиме нашата непоколеблива поддршка за почитувањето на универзалното и неотуѓиво право на верска слобода – се наведува во честитката.

Претседателот и првата дама на САД исто така посочуваат дека заедно со православните христијани се молат за мир, правда, слобода и исцелување во наредната година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.