Федералниот суд во Њујорк ја отфрли контратужбата на Доналд Трамп за клевета против писателката Џин Керол. Судијата Луис Каплан во својата одлука наведува дека поранешниот американски претседател не докажал дека изјавите на Керол на „Си-ен-ен“ се лажни.

Според „Си-ен-ен“, Трамп ја тужел Керол во јуни, за нејзината изјава: „О, да, тој тоа го направи“, коментирајќи ја пресудата според која поранешниот претседател сексуално ја нападнал, но не ја силувал.

Нема основа аргументот на г-дин Трамп дека наодот на поротата за прашањето „силување“ покажа дека изјавите на г-ѓа Керол биле лажни, дури и доколку нејзините изјави може да се протолкуваат како да се однесуваат на „силување“, образложува судијата во одлуката.

Керол го обвини Трамп дека ја силувал во гардероба на стоковна куќа на Менхетен во средината на 1990-тите, по што тој, во 2022 година, на својата платформа „Truth social“ нејзиниот настап го оцени како лага.

По пресудата, Трамп кажа дека доделувањето отштета на Керол од два милиони долари за сексуален напад е „претерано“, бидејќи поротата утврдила дека тој не ја силувал, додека, според него, отштетата за клевета била заснована на „чиста шпекулација“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.