Германското здружение за малопродажба (HDE) бара владата да интервенира со привремено ограничување на тарифите и намалување на даноците за електрична енергија на минимум.

Над 15.000 германски продавници се соочуваат со банкрот поради зголемените трошоци за енергија, пишува „Шпигел“, повикувајќи се на Германското здружение за малопродажба (HDE) кое бара владата  да интервенира со привремено ограничување на тарифите и намалување на даноците за електрична енергија на минимум.

Здружението во писмо до вицеканцеларот и министер за економија Роберт Хабек предупредува на „експлозивни трошоци за енергија“ и наведува дека околу 16.000 компании би можеле да банкротираат оваа година, додека „негативниот тренд“ најверојатно ќе продолжи до 2023 година.

Според Здружението, зголемените трошоци за енергија, кои од почетокот на годината се зголемени во просек за 147 отсто, ги спречуваат трговците да остварат профит. Уделот на трошоците за електрична енергија во обемот на продажба за трговците на мало веќе достигна речиси три проценти во просек, а многумина во секторот очекуваат таа бројка да се искачи на дури 5 отсто во 2023 година.

Според пресметките на здружението добивките на трговските компании се екстремно ниски. Кај облеката оперативната добивка како процент од продажбата изнесува 2,1 отсто, додека кај обувките моментално е негативна и изнесува -1,2 отсто. Дури и во прехранбениот сегмент е само 2 до 4 отсто.

Ваквата состојба може да стави многу компании во „неповолна положба“, предупреди ХДЕ.

– Со оглед на остриот пад на куповната моќ на домаќинствата и рекордната висока инфлација, тешко дека ќе биде возможно да се пренесат зголемените трошоци за енергија на потрошувачите – велат тие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.