Иранската полиција во неделата се судри со студентите на еден од најпрестижните универзитети во земјата, објавија социјалните мрежи и државните медиуми.

Извештаите велат дека голем број студенти на Универзитетот Шариф во Техеран биле заробени на паркингот во кампусот, објави Би-Би-Си.

На едно видео објавено на социјалните мрежи се гледа како студенти бегаат од безбедносните сили во кампусот на Универзитетот Шариф, додека во далечината се слушаат звуци кои потсетуваат на истрели, пренесува медиумот.

Телевизискиот канал „Иран интернешенел“ објави дека безбедносните сили нападнале студентски домови и отвориле оган.

Според извештаите голем број луѓе се собрале пред главната капија на кампусот доцна вечерта откако слушнале за судирите.

Би-Би-Си јавува дека не е во можност да потврди што всушност се случило на универзитетот.

Антивладините протести избувнаа во Иран во септември по смртта на жената која беше приведена од полицијата за морал.

Махса Амини (22) падна во кома неколку часа откако беше уапсена од полицијата за морал поради наводно кршење на правилата за носење хиџаб.

Протестите започнаа по нејзиниот погреб, се проширија низ целата земја и станаа најголемите немири видени во земјата во последните години, јавува Би-Би-Си.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.