По хаосот кој се случи во Зоолошката градина во Скопје, од медиумите дознавме дека е назначен нов директор на ова јавно претпријатие—човек, кој според информациите достапни во јавноста, нема претходно искуство на работа со животни ниту пак е соодветно образован за дадената позиција, реагираат од Зелен хуман град.
Можеби е добар раководител, но тоа е тешко да се оцени без информации за неговото претходно работно искуство (CV) да бидат доставени до советниците.
Покрај тоа, раководител на институција во која се чуваат живи суштества и чии животи зависат од правилно раководење на истата МОРА да има соодветна едукација и искуство во конкретната област.
За жал, назначувањето на директори на јавни институции се врши од градоначалничката функција, а не преку советот, па советот нема право на глас за истото. Сепак, кога се консултираат советниците полесно се стигнува до вистинските луѓе за ваквите позиции, потенцираат оттаму.
Според Зелен хуман град, одличен пример за тоа е новиот директор на ЈП ЛАЈКА, Војислав Димитровски, кој по професија е ветеринар, магистер во областа на ветеринарното јавно здравство, национален консултант на ФАО за благосостојба на животните и проект лидер на УНДП за решавање на проблемот со бездомните кучиња на територијата на Југозападниот реон на Македонија.
Димитровски, кој беше поставен на позицијата со поддршка од сите скопски здруженија за заштита на животните по препорака на ЗХГ заедно со новите членови на управниот и надзорниот одбор, успеаја да ја трансформираат институцијата во функционално прифатилиште кое хумано ги третира животните и вистински им служи на скопјани – бројките на заловени, лекувани, кастрирани и вдомени животни говорат за тоа.
Друг пример е Ана Петровска која како директорка на Државниот инспекторат за животна средина успеа да ја врати во живот институцијата, да почне со вистински казни за сите оние кои ја загадуваат нашата средина и следствено да ја зголеми довербата на граѓаните во ова тело. Нажалост, токму поради тоа беше отстранета од нејзината функција, велат од Зелен хуман град.
Од здружението потенцираат дека нашите институции со години наназад тонат поради лошо раководство и работење.
Мора да го смениме начинот на одбирање на раководители на институциите и мора да бидат поставени луѓе со соодветно искуство, желба и мотивација да ја направат потребната трансформација на институција! Во спротивно, само ќе продолжиме да зборуваме за некакви промени, без да можеме уште долго време да ги видиме во пракса, велат од Зелен хуман град.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.