Општина Ѓорче Петров ја искоренува праксата за набавка на вина, пива, жестоки пијалоци за што во 2019 година се склучуваа договори и по 941.994 денари. Оваа година, овој трошок е намален за над половина милион денари. Па така, сега, преку договор за јавна набавка општината ќе добие само кафе, води, чај, газирани и негазирани сокови кои се наменети за гости. Во ниту една од ставките, не стои набавка на алкохол.


Ако се види договорот на Општина Ѓорче Петров, во него стои набавка на црвено и бело вино, пенливо вино, пиво во различни амбалажи, жолта ракија, вотка, рум, коњак, узо, текила. Овие производи, со договорот за оваа година – не се набавуваат.

Па така, гостите во Општината, сега ќе се служат со чоколадни бомбони, газирана или негазирана вода, газиран сок, а поголем избор ќе имаат само кога во прашање се вкусовите на густи сокови бидејќи се набавуваат од праска, портокал, јаболко. Во општината кујна ќе има и чај од повеќе вкусови, како и кафиња. Принципот на реализација на договорот е – колку ќе се потроши, толку да се плати, што значи дека останува можноста да не се потрошат сите пари од договорот.

Новиот градоначалник, Александар Стојкоски, уште кога беше назначен на функцијата кажа дека ќе ги намали сите непродуктивни трошоци, а дека ќе набавува само тоа што е неопходно за нормално функционирање. Па така, тој уште со првиот ребаланс на буџетот на Ѓорче Петров, ги скрати парите наменети за букети, јадења и пиења по ресторани, објавување огласи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.