Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски објави дека потполно е реагирано во однос на земјиштето позади Универзалната сала, каде што до неодамна се градеше станбен објект.

Целосно е затрупано градилиштето на „9 мај”. Отстапување од дозволи и прописи за градба нема да толерираме, објави Герасимовски на социјалните мрежи.

Градежната инспекција претходно го затвори градилиштето, а во март годинава одговорните се санкционирани од страна на општината со казни со вкупна вредност од 12.500 евра и тоа со 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност.

Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење. По ова, согласно Законот за градење, инспекцијата изготви решение за враќање на локацијата во првобитна состојба, со што трошокот за извршувањето на решението ќе се фактурира на инвеститорот, а со потпишана писмена изјава истиот е обврзан да ја врати и улицата во првобитна состојба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.