По подготовките, истражувањето и анализите кои траеја неколку месеци, денеска заедно со Даниел Браун од Конрад Аденауер и Деканот на ПФ „Јустинијан Први“ – Скопје, Сашо Георгиевски го презентиравме Прирачникот за интегритет на Општина Аеродром, изработен во рамки на заедничкиот проект на Општината, фондацијата Конрад Аденауер и Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје „Создавање европска општина: Политика на интегритет за 0 корупција“, соопшти градоначалникот на општината Тимчо Муцунски.

Како што објасни, со Прирачникот се предвидуваат мерки и активности чија цел е да се намалат ризиците кои се детектирани во Студијата.

Ова прашање беше едно од моите лични заложби во кампањата и едно од моите најголеми заложби во политиката за да направиме нешто конкретно да ја искорениме корупцијата која е распространета во ширум државата. Тоа што сакавме да го покажеме прво е дека преземаме конкретни чекори и дејствија уште на почетокот на нашиот мандат, но исто така дека ова нема да биде само игра на зборови или многу работи кажани, а без дела, туку ќе работиме конкретно на решавањето на проблемите и предизвиците.
Се воспостави методологија на работа, се детектираа ризиците кон интегритет на Општина Аеродром, се предложија мерки и активности за намалување на тие детектирани ризици и се даде временска рамка за решавање на проблемите, рече денеска градоначалникот.

Нашата цел е, вели Муцунски, до крајот на мандатот, граѓаните да се чувствуваат дека Општината работи без корупција, но преку тоа да чувствуваат и дека општината испорачува повисок квалитет на јавни услуги.

Сè уште не сме го постигнале тоа што сакаме да го постигнеме, но ќе работиме врз основа на конкретни мерки, врз основа на конкретни детектирани ризици и отвораме прашања и теми за кои што долги години не се зборувало, односно постоеле овие ризици, овие теми, но никој не ги отворал. Ние сме тие кои што мораме да постапиме и ние сме тие кои што мораме да ги отстраниме сите овие состојби кои оставаат и најмал сомнеж дека постои корупција во Општина Аеродром, вели Муцунски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.