ООУ „ Киро Глигоров“ Центар, Скопје во целост ги демантира информациите кои се поврзани со постапката за отстапување на користење на бетонското фудбалско игралиште во дворот на училиштето.

Потенцираме дека на бетонското фудбалско игралиште ќе нема поставување на никаков придружен објект, кој ќе се користи за други намени, како што дел од медиумите известија. Изнајмувањето на игралиштето е предвидено само по неколку часа во работни денови и само на фудбалското игралиште, додека останатиот дел од училишниот двор останува отворен за децата и за родителите – се вели во реакцијата од училиштето.

Појаснуваат дека целокупната постапка околу избор на правно лице кое ќе го користи просторот бетонско фудбалско игралиште е спроведена целосно во согласност на законите. По претходно запознавање, донесена е Одлука од страна на Училишниот одбор, составен од три претставници од Совет на родители, три претставници од Наставнички совет и еден претставник од локалната самоуправа. Дадена е Согласност од претходниот градоначалник Саша Богдановиќ на 25.5.2021, по основ на Одлука за давање на користење на училиштен простор и спроведување на други активности во врска со основните училишта на Општина Центар, донесена од Советот на Општина Центар.

ООУ „Киро Глигоров“ останува отворено за разговор со сите засегнати страни, со единствена цел – изнаоѓање на трајно решение кое нема да наштети на ниедна страна.

Инаку, вчера родителите излегоа на протест пред училиштето и обвинуваа дека бетонското игралиште во склоп на училишниот двор му е дадено на користење на привартен концесионер „Форца“, кој, според нив, планира да го загради игралиштето со шестметарска ограда, а наводно планирана е и изградба на кафуле.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.