„Загадувањето на Скопје е историски проблем и јас никогаш прашањата кои се стратегиски долгорочни не сум ги поставил во краткорочна политичка рамка“, рече премиерот Димитар Ковачевски вечерва во интервју за МТВ.

Исто како прашањето за ЕУ што не го поставувам во краткорочна рамка, како што некои тоа сакаат така да го прават, па да се служат со уцени, или ова ќе биде или тоа да биде, истото се однесува на унапредувањето на животната средина – не е само Владата што инвестира на унапредувањето на животната средина преку буџетот, тука тоа се прави и преку други инструменти, како општините, меѓутоа пред сѐ преку меѓународни финансиски институции, постојат проекти кои што веќе се одобрени, како што е брз автобуски превоз во Скопје, бидејќи превозот во зимските месеци е еден од најголемите загадувачи. Гледаме дека тој проект не се реализира. Потоа, пречистителна станица од 126 милиони евра за градот Скопје, што не се реалзира и што практично беше причина зошто се скараа градоначалничката и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, и се потврди вчера, значи вчера најдобро се потврди дека всушност кавгата била за тендери, рече Ковачевски.

Според премиерот, доволно покажува тоа што ВМРО-ДПМНЕ и Левица гласале за предлог-буџетот предложен од градоначалничката.

Тука се работи за гласање во советот тие немаат проблеми меѓу себе, имаат проблеми кога се работи за одредени тендери, меѓутоа тој тендер е финансиран од Европската инвестициона банка 126 милиони евра и требат да го спроведат, исто така управување со цврст отпад, има над 50 милиони евра, 55 милиони евра кои се одобрени од ЕБОР, а не се реализираат исто така поради тоа што не носат одлуки градоначалници во источниот дел од државата, пак од политички причини. Меѓутоа, тоа се европски проекти и финансирање со пари од ЕБОР, во ИПА проектите има 110 милиони евра за унапредување за животната средина, исто така зголемување на инвестициите и инсталирање на обновливи извори на енергија е еден од начините на унапредување на животната средина, рече премиерот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.