Општина Центар на денешната седница на Советот со 17 гласа „за“ и 1 „воздржан“ го донесе Буџетот за 2023 година кој изнесува 740.132.000,00 денари.

Како што соопштува Општината, во Буџетот за 2023 година се планираат нови паркови, паркинзи, отворање на народна кујна, доградба на започнатата градинка „Пролет“, изградба на катна гаража во Капиштец, поставување урбана опрена, инфраструктурни зафати на улиците и други проекти.

„Меѓу проектите за енергетска ефикасност чија вредност е проектирана на 15.060.000,00 денари и со кои се планираат реконструкции на фасади и субвенции за замена на покриви и поправка на лифтови во станбени згради предвидени се и субвенции за ново претпријатие за производство на електрична енергија.

Во образованието предвидени се инвестиции во висина од 18.985.000,00 денари, за детските градинки 5.730.000,00 денари, за заштита на животната средина 4.800.000,00 денари, за паркови и зеленило се издвоени 5.000.000,00 денари и исто толку се планира за поставување урбана опрема како клупи, канти за отпадоци, столбчиња, држачи за велосипеди, жардињери и сл.

За Урбанистичкото планирање издвоени се 17.100.000,00 денари, а за капитални расходи за уредување на градежно земјиште и инфраструктурни приклучоци 11.700.000,00 денари.

Исто така во Буџетот за 2023 година се планираат и средства за започнување со реализација на отворање на народна кујна и од социјалните проекти планирани се средства за еднократна парична помош за социјално загрозени лица во износ од 2.500.000,00 денари, како и за трансфери на здруженија на граѓани во износ од 2.000.000,00 денари. За проекти за родова еднаквост исто така се издвоени 100.000,00 денари“, соопштуваат од Општина Центар.

„За еднократна парична помош за новороденчиња на родители коишто се жители на Општина Центар – Скопје, во Буџетот за 2023 година се планираат средства во износ од 2.500.000,00 денари.

Во програмата за изградба на локални улици и патишта се издвојуваат 9.000.000,00 денари за реконструкција на улици, тротоари и инфраструктура.

За културни манифестации и творештво 4.370.000,00 денари, за спорт и рекреација 15.510.000,00 денари. 13.000.000 денари од општинскиот Буџет за наредната година одат за најтрофејниот кошаркарски колектив „Работнички”. Со новите спонзори, МТЕЛ и Видеолотарија Касинос Австрија, Општина Центар обезбедува добра подлога за нови успеси на нашите кошаркари.

Меѓу останатите денешни точки на дневен ред изгласан беше и предлогот од Буџетот на Општина Центар да се одделат 2.000.000 денари за ЈП „Лајка“. Во интерес на граѓаните, овие средства се одвојувате со цел зачувување и обезбедување на бездомните кучиња. Притоа советниците беа согласни дека доколку на дело се покажат вистински резултати во работењето на претпријатието и менаџирањето на проблемот со бездомните кучиња, постои подготвеност за одвојување и повеќе буџетски средства“, се додава во соопштението на Општина Центар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.