Сопственикот на „Хелиум Кафе“ во Ново Лисиче, Бобан Несторовски, реагира до јавноста за немили случки од пред неколку денови, во кои биле инволвирани членови на политичката партија „Левица“.

Несторовски, во својата реакција ја образложувам целата ситуација во која се нашол, а доставува и видео материјали како доказ за случувањата.

Неговата реакција ја пренесуваме во целост.

„Јас сум сопственик на кафулето „Хелиум“ во населбата Ново Лисиче, во кое веќе неколку години луѓе од сите генерации уживаат, се забавуваат и едноставно имаат „свое катче за уживање“ во Аеродром. Вложив многу труд, љубов и енергија да го претворам во катче кое ќе биде пристојно место за дружење. Се потрудив да го уредам современо, а многу енергија потрошив во изнаоѓањето тим од млади луѓе што посветено и со љубов ќе си ја работат својата работа, секогаш со насмевка на лицето, затоа што задоволните гости се нашиот врвен приоритет.

За жал и покрај мојата посветеност, моите лични инвестиции во локалот, но и во целата околина, во нови садници и хортикултурно уредување за поубав изглед на Ново Лисиче, пред неколку дена бев мета на обиди за изнуда и напади од страна на личности кои се политички активни. Велам за жал, затоа што ниту сум член на која било политичка партија, не сакам да бидат инволиран во било каква политичка игра, а поседувам легален и чесен бизнис, кој уредно и навремено ги подмирува сите давачки кон надлежните институции и вработените.

Настанот се случи пред неколку дена кога со недолично и безобразно однесување, во локалот влегоа две лица. Од информациите кои стигнаа до мене, едниот од нив е советник во Советот на Општина Аеродром, кој заедно со брат му кој исто така е активист на политичка партија што е претставена во Советот на градот, почнаа вербално да се закануваат и да се обраќаат кон мене, персоналот и гостите. Некултурниот и дрзок однос, директните напади и физичкиот напад кон мене и мојот локал, подоцна прерасна и во навреда кон полициските службеници кои беа приморани да интервенираат против овие двајца насилници.

Дополнително на тоа, згрозен сум и од целата хајка што се води против мене на социјалните мрежи од лица блиски до двајцата насилници, кои продолжија преку сопствените медиуми и социјалните мрежи да шират невистини за мене и мојот локал, како и закани со бомби, палење на локалот и зборови кои никому не би посакал да се остварат.

Револтот кај мене е уште поголем затоа што тие се преставници на органите на локалната самоуправа и директно се избрани од граѓаните на избори. Со ваквиот начин на комуникација и однос прават директен аттак и врз граѓаните на Скопје и Аеродром кои на избори гласаат за советници, а не за насилници и деликвенти. Овие мои тврдења се докажани и од видеата од безбедносните камери, кои покажуваат дека советници и активисти од политичката партија Левица посегнуваат по уништување на приватниот имот кој го имам изградено со многу труд и мака, а истовремено не се срамат ниту на социјалните мрежи да објавуваат заканувачки содржини кон мене, мојот живот и мојот локал.

Ваквиот начин на однесување и инцидентот кој тие го направија предизвик сериозен стрес и нарушување на моето здравје. Јас сум човек кој има дијабетес тип 1 и ова беше причина за сериозен стрес кај мене и кај моето семејство. Нападот од страна на општинските советници и недоличното однесување и директен удар за еден мал и локален бизнис, кој работи согласно со законот, редовно плаќа даноци и останати давачки, а самоиницијативно има вложено огромни средства во уредување и на околината. Дополнително, во време на здравствената и економска криза со Ковид-19 нашиот локал ги задржа сите вработени и ги исполни сите давачки кон државата.

Апелирам до вас како претставници на медиумите да ја пренесете мојата изјава во целост, како и согласно со вашите надлежности и законските рамки да го прикажете и целиот материјал кој ги покажува самите чинови на деликвенција и руинирање на локалот, но и заканите по мојот живот, безбедноста на локалот и на сите околни граѓани.

Напоменувам, дека овој допис денеска го доставив до архивите на Град Скопје, до градоначалничката и Советот, како и до Општина Аеродром“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.