Вработени во депонијата „Дрисла“ која е под раководство на Град Скопје спонтано ја блокираа депонијата во знак на револт и протест поради тоа што добиле информација дека во следниот период ќе има отпуштања, како и дека нивните договори нема да бидат продолжени како што тоа им се случи на нивните колеги во ЈП Водовод и канализација и Комунална хигиена кои заради политички реваншизам на градоначалничката Арсовска останаа без егзистенција.

Како што објавија од Сојузот на синдикатаи (ССМ), ова е уште едно од низата отпуштања во претпријатијата во надлежност на Град Скопје и уште едно каде во последниов период се случуваат протести на незадоволните вработени.

Станува збор за 30 општи работници на кои без никакво образложение не им биле продолжени договорите за работа, па во знак на револт тие не дозволуваат никој да влезе, ниту да излезе од депонијата односно вработените на влезната капија го блокираат влезот.

Со вработените беа и нивните синдикални претставници од Синдикатот СУТКОЗ при ССМ кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности.

Борбата на работниците и синдикалците од СУТКОЗ и ССМ, по немилите случувања во јавните претпријатија „Комунална хигиена“, каде на повеќе од стотина работници не им беа продолжени договорите за работа и во „Водовод и канализација“, каде вработените се пред штрајк, се пренесува во сите скопски јавни претпријатија поради тоа што работниците се загрозени од лошото менаџирање на Градот Скопје, па доколку ова продолжи, можен е целосен колапс во јавните претпријатија со кои менаџира градоначалничката Арсовска, велат од ССМ.

Во депонијата Дрисла се одлага најголемиот дел од отпадот во главниот град и со лошото менаџирање се доведува во прашање здравјето на скопјани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.