Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување на Канал 5 телевизија истакна дека градот го решава проблемот со куќарките на кејот на Вардар бидејќи лицата кои до сега стопанисувале со овие куќарки од 2018 до сега се оставени без договор.

Тие преку нов јавен повик ќе имаат можност да добијат договор и бидат правно заштитени, додавајќи дека истите цели четири години работеле без регулиран статус.

– Лицата кои стопанисуваат со овие куќарки, сега во овој момент за жал тоа го прават без регулиран статус, бидејќи некој уште во 2018 година не им овозможил тие правно да си го регулираат. Она што Град Скопје во овој момент го прави е регулирање на нивниот статус, односно примопредавање на куќарките и преку соодветен јавен повик тие ќе може да аплицираат и да добијат соодветен договор. Вака ќе бидат заштитени. Имавме конструктивен состанок со нив, знаат која е намерата на градот и не станува збор само за тие неколку куќарки на кејот на Вардар, туку станува збор за 22 лица со таков нерегулиран статус на повеќе потези низ централното градско подрачје, истакна Арсовска.

Таа додаде дека на средбата во градот, биле истакнати многу проблеми од страна на овие лица, потенцирајќи дека тоа се проблеми наталожени од изминатите неколку години, пред се затоа што некој не сакал да им го реши нивниот статус.

– Се случило и кршење на нивните куќарки, некој се обидел да ги оштети и украде нешто од таму. Едноставно, тие немаат како да се легитимираат за да се заштитат, затоа што некој не им овозможил да имаат договор. Ние се обидуваме правно да ги заштитиме со договор да немаат само обврски, туку да имаат и права, рече Арсовска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.