Државната изборна комисија на денешната седница ја запре постапката за избор на градоначалник на Општина Маврово Ростуше, откако минатата недела кандидатот на СДСМ, Медат Куртовски ја повлече кандидатурата, бидејќи нема противкандидат.

Овој заклучок, Државната изборна комисија го носи поради тоа што досега по истекот на сите законски рокови, до Општинската изборна комисија Маврово Ростуше нема потврдени листи за избор на градоначалник за Општина Маврово Ростуше, по решението за распишување избори од 4 февруари оваа година.

Поради тоа ние мораме да констатираме со заклучок дека ДИК од своја страна ја запира постапката за спроведување на сите изборни дејствија во Маврово Ростуше, согласно донесениот роковник – нагласи Борис Кондарко, член на Комисијата.

ДИК побара писмено да биде известен претседателот на Собранието, надлежен за распишување на избори.

Минатата недела, кандидатот на СДСМ Куртовски информираше дека нема потреба од дополнителни трошоци во време на криза за избори што можат повторно да бидат неуспешни.

Имајќи го предвид фактот дека од другата страна нема против кандидат, како и фактот дека голем број наши сограѓани се дел од дијаспората, особено во овој период од годината, постои реален ризик локалните избори повторно да не успеат. Да нема дополнителни трошоци во време на криза, односно пари од буџетот на Општината да не се трошат на избори кои може повторно да бидат неуспешни – вели Куртовски.

Согласно дневниот ред, на денешната седница беше изгласан предлог-заклучокот за внатрешна организација и координација на работата на ДИК во стручна служба од 13 март 2022 година. Комисијата едногласно ја донесе и одлуката за измена и дополнување на годишниот план за јавни набавки за 2022 година на Комисијата и Кодексот за набљудување на изборите во Центар Жупа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.