Владата попладнево на брифинг неофицијално ги информираше медиумите за своите следни чекори во врска со францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и почнување преговори на земјава за членство во ЕУ. Од Владата велат дека за предлогот сега најверојатно нема да се расправа во Собранието, туку тој ќе биде прифатен на владина седница, по консултациите со претседателот на државата и другите чинители во домашната политика, пишува „Слободен печат“.

На овој начин, според владини извори, би се избегнал раскол во владејачката коалиција, каде дел од помалите партии веќе изразија незадоволство околу прифаќањето на првичниот француски предлог, како и евентуалните блокади и инциденти кои би ги предизвикала опозицијата.

Според „Фокус“, за разлика од минатонеделните случувања во Брисел, денеска во Владата било видливо јасно задоволството кај премиерот и надлежните министри, кои сега предлогот го именуваат како „европски“. Тие неофицијало наведоа дека последните предлог-измени кои дојдоа од Париз се плод на „историското НЕ” на Ковачевски во Брисел, но и на повеќемесечни неофицијални разговори со првиот советник на францускиот претседател Макрон, за кого кажаа дека повеќепати неофицијално доаѓал во Скопје и Софија.

Од Владата се задоволни и од подобрување на нашата позиција по прашањето за македонскиот јазик, а тврдат и дека историските прашања нема да се причина за одложување не само на првата, туку и на втората меѓувладина конференција. Сепак, не можеа да го демантираат фактот дека отворањето на поглавјата (што претставува вистинско почнување на преговорите) ќе се случи дури по внесувањето на Бугарите во Уставот, како и дека Софија никаде не се обврзува дека нема да нѐ блокира по која било точка од понатамошните преговори.

Според неофицијалните најави од Владата, многу е веројатно дека многу брзо, во следните неколку дена, Македонија конечно ќе направи прв чекор во евроинтеграциите, по долг период на застој и блокади. Тоа значи дека експресно ќе се свика Првата меѓувладина конференција, која барем формално-правно претставува датум на кој почнуваат преговорите на една земја за полноправно членство во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.