Кај Владата во Македонија нема сериозна и суштинска посветеност на реформи… Постои недостаток на одлучни чекори за да се изгради моментум и да се продолжи процесот на преговори со ЕУ, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Европската комисија, како и во изминатите извештаи, и во овој Извештај прави детална и посветена вивисекција на правните, политичките и економските состојби во државата. Оттука, ја поздравуваме посветеноста на Европската комисија и ЕУ за деталната анализа на македонското законодавство но и за имплементацијата на истото.

Овој годишен Извештај јасно ја покажува системската негрижа на владата за спроведување на реформите во општеството.

Главен заклучок на овој Извештај, кој се однесува на работењето на властите, е дека кај Владата во Македонија нема сериозна и суштинска посветеност на реформи. Постои недостаток на одлучни чекори за да се изгради моментум и да се продолжи процесот на преговори со ЕУ. Владата прибегнува кон ад хок иницијативи, кои ги заменуваат системските реформски пристапи.

Ако ги погледнеме 6-те клучни кластери, ќе забележиме дека Македонија нема подобра оценка од претходните години во НИТУ ЕДЕН од нив. Во секој од кластерите, државата се смета како умерено подготвена, што е иста оценка со годините претходно.

Огромен проблем за владата е што Европската комисија ја наведува оценката дека нема никаков напредок во спроведување токму на препораките од Европската комисија во извештајот од изминатата година. Тоа се однесува особено на препораките за реформа на јавната администрација, градење на конкуренција на пазарот, слободно движење на стоки и работници, како и правото на интелектуална сопственост.

Ова значи дека Владата воопшто не ги земала предвид препораките на Европската комисија.

Што се однесува до Собранието како главна институција за развивање на демократијата, Извештајот го пронаоѓа она што ние како опозиција подолго го нарекуваме самоволие на спикерот Џафери.

Прво, забележано е криењето на власта од опозицијата и граѓаните.

Извештајот го забележува повеќемесечното незакажување на седници за пратенички прашања во Собранието – што се рашири од пред локалните избори во 2021 година, па се до април 2022 година.

А, дури и за Европската Унија е евидентно она што само Ковачевски не сака да го види – дека тој се плаши од дебата во Собранието, бега од истата, навредува, клевети и омаловажува.

Најголемата болка на оваа Влада во Собранието, е исто така забележана од Европскиот Извештај. Законите со лажно европско знаменце со кои сомнителни законски решенија се обидуваат да се протуркаат низ Собранието, а истите продолжуваат да бидат проблем и за Европската Унија.

Според Извештајот донесени се вкупно 81 закон по скратена постапка.

Затоа, ЕК ја споменува и злоупотребата на европското знаменце во носење на законите по кратка постапка.

Според ЕК, овие закони треба да бидат значително ограничени бидејќи ги намалуваат можностите за инклузивни законодавни процеси и значајни дебати.

Извештајот смета и дека работата на Парламентот е нарушена од политичка поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. Се забележува и дека нема значителен напредок во спроведувањето на обврските преземени за време на третиот круг, третиот циклус од „Дијалогот Жан Моне” од почетокот на 2020-тата година.

Големи критики во Извештајот се ставени и во делот на реформата на јавната администрација, затоа што таа останува на истото ниво на подготвеност како и во изминатите години – оценета со нема напредок и државата е само умерено подготвена.

ЕУ директно се обраќа на Владата – „бидејќи препораките од минатата година не се адресирани во доволна мера, остануваме на истите”.

Почитувани граѓани,

Ако се тргне настрана позицијата на Македонија во врска со војната во Украина, која е безмалку едногласна во целото македонско општество, како и онаа за скрининг на македонското законодавство, која е плод на едностраната одлука на Владата да се прифатат бугарските максималистички барања, Владата очигледно е дека ја „преспала” 2022 година.

Македонија има непроменето ниво на напредок и во најголемиот број од оценките на подготвеност во клучните области како што се правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на безбедносните служби, борбата против тероризмот, економијата, слободниот пазар и пазарните слободи итн.

Затоа се потребни промени.

Потребни се луѓе кои сериозно, системски и посветено ќе се зафатат со реформи и решавање на проблемите на граѓаните.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.