Владата и синдикатите по успешните преговори и отворен дијалог дојдоа до заедничко решение кое трајно ќе го реши прашањето за платите на вработените во јавниот сектор, соопштија од Влада, додавајќи дека на вчерашниот работен состанок, двете страни договорија 10 отсто раст на платите од септември 2023, како и исплата на регрес за годишен одмор за 2023 година од 10.000 денари, кој ќе биде исплатен до крај на годината.

Како што информира владината прес-служба, постигнат е и договор за системско покачување на платите во јавниот сектор, преку методологија која ќе го реши овој децениски проблем.

Новата методологија за пресметка на плати во јавниот сектор, која ќе биде дел од општиот колективен договор, ќе се добива од просечната плата помножена со коефициент и ќе се пресметува од март 2025 година.

Со ова, по 17 години ќе се донесе нов Општ колективен договор со кој се внесува системско решение за платите во јавниот сектор, кое ќе гарантира раст на платите без политички калкулации. Во општиот колективен договор, според вчерашниот договор, ќе биде дефинирана и исплата на минимум износ на регрес за годишен одмор во износ од 30 отсто од просечната нето плата, стои во соопштението.

Постигнатиот договор меѓу Владата и синдикатите, како што се наведува, е резултат на посветеноста на Владата за примена на политики коишто се во интерес на правата на работниците и заштита на стандардот на граѓаните, со што се влијае и врз растот на домашната економија.

Утврденото решение ќе биде доставено до Економско-социјалниот совет, каде во текот на наредните денови се очекува да биде усвоено. Владата на Република Cеверна Македонија и понатаму ќе продолжи да работи во насока на обезбедување на подобри услови за работници, подобар животен стандард, како и овозможување на просперитетна и европска иднина за државата, се вели во соопштението од Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.