Бојан Јовановски-Боки 13 во поткастот „Лазаров“ читаше пораки за кои рече дека се разменети помеѓу него и Вилма Русковска, тогаш шефица на Обивнителството за гонење организиран криминал, а најшокантни меѓу нив беа преписките на само два дена пред пресудите за „27 април“, за кои обвинителката веќе го знаела исходот.

Таа ги знаеше пресудите за 27 април пред судот да ги изрече и да донесе пресуда. Јас ѝ пишувам: ‘Утре ќе ја пренесуваме пресудата за 27, цела’, Вилма враќа: ‘Ќе биде интересно, највисоки казни, после ќе давам изјава’. Јас враќам: ‘Значи Кацарска ќе направи лом’, Вилма вели: ‘Лом, лом, ќе видиш’. Јас ѝ викам: ‘Дај некоја ексклузива’, јас ѝ барам ексклузива на телевизијата. Она ми одговара: ‘Само една ослободителна, другите сите високи’. Русковска: ‘После пресудата ќе ја бараме Кацарска да гостува’ и точно, дојде кај Гордана Дувњак да гостува во емисија. Таа ми изнесува пресуда пред пресудата да биде изнесена. Потоа ми зборува за директори кои што ќе бидат ексклузивно апсени за две недели итн“, вели меѓудругото Јовановски.

Дел од осудените јавно ѝ порачаа дека тежок ќе ѝ е крајот.

На страницата „Слобода за Јане Ченто“ осамна порака дека доаѓа денот.

Тек доправа ќе треба да одговараш за местенките, за криењето записници, криењето докази кои се во наша корист, искривување на факти, менаџирањето на процесот….и многу други работи за предметот 27ми април, се вели во објавата со најава дека „Доаѓа денот“.

Горан Ангелов-Ќосето, пак, ѝ порача „време е да си ги смениме местата!!“

Игор Дурловски, кој доби ослободителна пресуда, напиша: Е ова е „Вистината за Македонија”, алудирајќи на бомбите на Заев.

Реагираше и адвокатот Драган Пешевски.

Ете го новиот доказ потребен за повторување на постапката за 27ми април, кај Стефан Лазаров у емисија – лајв. Нема кој само да им ги врати годините излежани на лугево, а за све што ке ви следи пошто Господ сте си играле ич не ве жалам!!!, напиша Пешевски.

Остра реакција и од адвокатот Воислав Димоски.

Никој не е изненаден од околноста дека обвинителката (која е нели, странка на постапката!) ги знаела пресудите за „27-ми април“ пред судијката јавно да ги изрече. Никој не се изненади ни кога таа судијка стана судија и претседател на Уставниот суд, а начинот на кој го спроведе судењето се предава на универзитети ширум светот како пример за кршење на правото на одбрана. Никому не му е чудно што обвинител кој на дневна основа лиферувал информации до Боки 13 за обвинителски предмети напредувал до обвинител во Републичкото Обвинителство, откако претходно под закрила на Началникот стигнал до одделението за организиран криминал. Напредувањето во кариерата било очекувано бидејќи луѓе кажуваат дека го виделе како се гушка со тогаш новиот премиер. Место на гушкање: охридски хотел за чии диво изградени делови пак, друга обвинителка ќе го заташка предметот и ќе биде наградена со напредување во кариерата. Очекувано! Дури не се прекине синџирот на негување на правосудни функционери кои се слуги на сите господари, нема што да зборуваме за реформи во правосудството! Правдата треба да се врати во рацете на праведните!, напиша Димоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.