– СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата, наспроти ВМРО – ДПМНЕ кои немаат ниту план, ниту визија, ниту одлучност, ниту волја да го направат тоа. Нашите идеи се прогресивни, со јасна визија за европска иднина на државата за што имаме голема поддршка од нашите пријатели од ЕУ. Гарантираме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг во Демир Капија.

Тој нагласи дека минималната плата е зголемена за три пати во однос на 2016 година, просечната плата е зголемена двојно во однос на 2016 година, но сега, додаде, доаѓаат подобри времиња.

– Гарантирана плата за младите и грантови за отпочнување нов бизнис, затоа што сакаме младите да си ја градат својата иднина дома. Гарантираме подобри услови и плати за здравствените работници и целосно бесплатно јавно здравство. Ветуваме подобар и поправеден систем за сите, бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и конечно со спроведување на процесот на ветинг на судиите и јавните обвинители. Ова е нашата визија и нашата програма за граѓаните и државата, рече Ковачевски.

За пензионерите, порача дека обезбедуваат просечна пензија од 30.000 денари и минимална пензија од 20.000 денари. Тој нагласи дека пензиите денеска, во однос на 2016 година, се зголемени за 55 отсто и ќе продолжат да растат.

– Јас ветувам дека ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да живеат во европска Македонија. Не се откажавме досега, нема да се откажеме ниту отсега. Ние не се откажуваме од иднината, порача Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.