Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ, во четврток во Виена ќе ја презентира програмата на нашето претседавање со оваа меѓународна организација.

Во неговото обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, министерот ќе зборува за предизвиците со кои се соочува организацијата, нашата визија и планови како претседавач во 2023 година, информираат од Министерството за надворешни работи.

Османи ќе оствари средба и со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, а по свеченото прогласување на Македонија за земја претседавач со ОБСЕ, предвидено е двајцата да одржат заедничка прес-конференција.

За време на неговата посета на Виена, како што информира МНР, Османи ќе оствари средби и со австрискиот министер за надворешни работи и со претседателот на Швајцарската конфедерација, Алаин Берсет. На средбите се очекува да бидат разменети мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ и за улогата на ОБСЕ во справувањето со последиците предизвикани со агресијата на Руската Федерација врз Украина.

Во работниот дел, министерот ќе оствари средби и со раководните структури на независните институции, теренските мисии, останатите извршни тела на ОБСЕ, како и со специјалните претставници на претседавачот, се додава во соопштението.

Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ од Полска на 1 јануари годинава.

Постојаниот совет на ОБСЕ е одлучувачко тело каде се вклучени претставниците на сите 57 држави учеснички на организацијата и 11 партнери за соработка. Тој се состанува на седмична основа во Виена со цел да ги разгледа случувањата во регионот на ОБСЕ и да носи одлуки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.