Во Прилеп е роден Методија Шаторов – Шарло, македонски комунист и национален деец.

Како долгогодишен активист во комунистичкото движење, Шарло непосредно пред Втората светска војна доаѓа на чело на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија и на почетокот од бугарската окупација на Вардарска Македонија ја приклучува македонската комунистичка организација кон Бугарската работничка партија.

Овој потег е осуден од страна на југословенското комунистичко раководство — тој е исклучен од КПЈ — а по ослободувањето поради него официјалната македонска комунистичка историографија ќе го третира Шарло исклучително негативно. Во Бугарија се смета за бугарски партизан.

Шарло се залагал за самостојна и обединета држава на македонскиот народ. Покрај тоа, во архивите на некогашната Коминтерна се откриени документи според кои Методија Шаторов постојано се изјаснувал како Македонец. Тој се смета уште за еден од најзаслужните за тоа што Коминтерната и Бугарската комунистичка партија го признале постоењето на македонскиот народ.

Постојат и други ставови. Вера Ацева, на линија на официјалната историографија во времето на комунизмот, во 1973 година го тврди следното: Прво, другари, ако се чита писмото на Методија Шаторов-Шарло, напишано по распуштањето на Покраинскиот комитет и неговото сменување од секретар на ПК на КПЈ на Македонија ќе се види дека тој во душата е Бугарин. Целото негово дејствување преку летото 1941 година, како секретар на ПК, беше подредено на тоа Македонија да биде составен дел на Бугарија. Јас лично го познавам, сум работела со него, сум била член на ПК, па според тоа, можам повеќе и да судам.“

Поради неговите автономистички и македонски заложби кои беа во спротивност со југословенската идеја, застапувана од македонското политичко раководство, Шарло за време на комунистичкиот режим беше оцрнуван како предавник на македонскиот народ и саботер на неговата борба за ослободување.

Рехабилитацијата на Шарло започнува по падот на комунизмот, а значителен придонес во таа насока дава научниот собир посветен на Шарло, а организиран од МАНУ во ноември 2005 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.