Лидерите на политичките партии на Албанците во земјава денеска  во Тирана ќе имаат средба со албанскиот премиер Еди Рама.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера изјави дека денешниот состанок во Тирана е новогодишна средба со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања во регионот и посакување успех во годината што е пред нас и апелираше да не се создава „некаква конспирација“ во врска со неа.

Според Османи, за средбата нема однапред предвидена агенда за која што ќе се разговара и таа ќе претставува можност за комуницирање и размена на идеи, информации и ставови за добробит на регионот и на Македонија и Албанија.

– Можам да кажам дека премиерот на Албанија е докажан пријател на Република Македонија, посебно тоа го докажа во текот на овие години и месеци преговори со Република Бугарија, кога буквално некогаш на сметка и на интересите на Албанија, ги кажуваше позициите и на Република Македонија во тој дел. Навистина не сметам дека треба да се создаде некаква конспирација по однос на овие средби, рече Османи.

Пратеникот од Движењето Беса, Фадил Зендели вчера изјави дека неговата партија добила покана за средбата, но рече дека тие нема да присуствуваат на неа. Тој оцени дека оваа средба е во полза на ДУИ и дека секогаш кога оваа партија има внатрешни проблеми се одржуваат вакви средби во Тирана.

– Ние имаме покана од премиерот на Албанија за утрешната средба. Централното претседателство одлучи дека ние сме спремни да соработуваме со Република Албанија и со премиерот Рама, но како политичка партија Движење Беса не сме спремни да седнеме на иста маса со ДУИ. Во овој момент на ДУИ му е потребна средба во Тирана. Не гледаме дека на некој друг му е потребна таква средба. ДУИ има интерес од една таква средба како што тоа го злоупотреби во 2017 година за свои цели. Секогаш кога имаат свои внатрешни проблеми со свои внатрешни противници, (ДУИ) бараат помош од регионот. Не гледаме дека сега треба да им излеземе на помош, рече Зендели.

Тој потенцира дека кога политичките партии на Албанците барале да седнат на маса да се договорат за некои прашања, лидерот на ДУИ никогаш не бил подготвен да зборува со нив, дури, како што рече, во некои медиуми ги има навредувано.

– Ако сме ние злобници, тогаш не гледаме никаква причина да седнеме со него на иста маса кога нему му е потребно, истакна пратеникот на Беса, додавајќи дека ќе имаат средба со премиерот на Албанија, но не кога тоа е само во интерес на ДУИ.

Од Алтернатива и Алијанса за Албанците за МИА потврдија дека добиле покана за средбата и дека ќе одат на неа, без да прецизираат детали.

– Исто како што сме одговориле позитивно на сите покани за средби и во овој случај ја потврдуваме поканата, како и нашето присуство на вечерата организирана од премиерот Еди Рама, изјавија за МИА од Алијанса за Албанците.

Од Алтернатива потврдија дека претседателот на партијата Африм Гаши ќе присуствува на средбата, но дека не се знае за што ќе се разговара.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.