УНИЦЕФ е охрабрен од препораката на Комисијата за заразни болести да се отворат училиштата за настава со физичко присуство од 1 февруари и повикува на национална солидарност за безбедно продолжување на образованието со физичко присуство во текот на целата учебна година. Оваа организација смета дека секое продолжено затворање на училиштата на државно ниво дополнително ќе го продлабочи пропуштеното учење и ќе продолжи негативно да влијае врз емотивната благосостојба на децата.
– Одлуката да се отворат училиштата за учење во живо е одлука на Владата. Свесни сме дека оваа одлука се разгледува во контекст на епидемиолошката ситуација со ковид-19 и сѐ поголемото разбирање на ризиците. Но, исто така мора да се земе предвид влијанието од продолженото затворање на училиштата врз учењето и благосостојбата на децата – изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Таа нагласи дека училиштата се основен јавен сервис, место за академско учење од клучна важност во помагање на децата да ги развијат своите потенцијали.
– Затворањето на училиштата за физичка настава поради зголемена трансмисија на ковид-19 во заедницата не би требало да биде прва реакција, туку тоа би требало да следи откако се исцрпени сите други алтернативи – посочи таа.
Учењето на далечина е алтернативна мерка која треба да се применува само како крајна мерка и додаде:
– Освен тоа, и покрај тоа што онлајн и дигиталните технологии го подобруваат искуството во учењето, долгорочно гледано тие не можат да ги заменат методите што ги користи наставникот за време на настава во живо, ниту пак можат да ги заменат дружењата со врсниците. Истражувањето со директорите, наставниците и родителите покажува дека учењето на далечина помогнало да се одржи процесот на учење кај децата, но сепак повеќе од половина наставници забележале зголемување во бројот на деца што се мачеле да го усвојат или не успеале да го усвојат она што им го предавале.
Покрај загубите во учење, додаде тaa, затворањето на училиштата имаше негативно влијание врз менталното здравје на децата и го зголеми ризикот од насилство. Со примена на превентивни мерки училиштата докажаа дека се безбедно место за децата и не се главен двигател на ширење на инфекцијата во заедницата.
– Се приближуваме кон крајот на втората година од пандемијата. Во тие две години прекините во образованието траеја подолго во споредба со ограничувањата наметнати на другите сектори во земјата. УНИЦЕФ повикува на национална солидарност со децата за отворени и безбедни училишта. Централната и локалната власт треба да ја зајакнат поддршката за училиштата со неопходни ресурси за да можат да ги применуваат докажаните превентивни мерки, да го надоместат пропуштеното учење и да воведат нови програми за поддршка на менталното здравје и благосостојбата на децатa – потенцира Ди Џовани.
УНИЦЕФ, порача, ја повикува јавноста да го исполни својот дел во спречување на ширење на вирусот во заедницата.
-Сите ние мора да бидеме посвесни и подисциплинирани во следењето на мерките за превенција за да може КОВИД19 да остане надвор од училиштата. Треба да продолжиме со одговорно однесување, да носиме маска, да практикуваме хигиена на рацете, да одржуваме физичко растојание, да се вакцинираме против КОВИД-19 доколку одговараме на условите за вакцинирање и да се тестираме и изолираме ако имаме симптоми, рече Ди Џовани и нагласи дека 2022 година треба да биде година во која најдобриот интерес на децата и образованието ќе бидат национален приоритет и ќе имаат предност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.