Со нова одлука на Министерството за образование и наука, која следува по барање на Сојузот на средношколци, учебната 2023/2024 година за средношколците ќе заврши на 10 јуни наместо на 17 јуни како што беше претходно предвидено со календарот за организација на наставата.

За основците останува одредбата да учат до 17 јуни, а и едните и другите ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 6 мај 2024.

Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена таа законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни, тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Учениците во основните и средните училишта се уште два дена на распуст и на настава ќе се вратат в понеделник, 22 јануари, за второто полугодие од учебната 2023/2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.